Conference | За конференцијата 2014
Денови на инспирација, нова правна мисла и совршена организација
21-22.10.2014, Хотел Александар Палас, Скопје

 


Instagram

Академик Конференциите внесуваат нови стандарди во домашното, но и светското право, правејќи значаен едукативен исчекор во етаблирaњето на правните ризици како современ тренд, адвокатска практика и деловна филозофија. Ваквиот факт АКАДЕМИК ја поставува како интернационална компанија која е наjдоблесно посветена на развојот на методологијата, алатките и најдобрите практики во управувањето со правни ризици во светот. Тоа го потврди и Третата Академик Конференција за управување со правни ризици која се одржа на 21 и 22 октомври во Александар Палас во Скопје.

И токму со таа мисија на концентрирање на светската правна мисла на едно место, Конференциите на Академик претставуваат единствена можност да се  компарираат, анализираат и соочат светските искуства во областа на правните ризици чија основна цел е подигнување на свеста за правните ризици, примената на управувањето со правните ризици во функција на организираниот правен систем и општество и секако, исполнувањето на правните вредности и начела на домашен, регионален и глобален план како што се ефикасноста, економичноста и правната сигурност. Следејќи ги тие премиси, АКАДЕМИК храбро, посветено, професионално и со многу ентузијазам работи на зацврстување на концептот на управувањето со правните ризици, искрено верувајќи дека целата своја креативност и енергија ја вложува долгорочно кон исполнување на својата поставена агенда – Современ, стабилен, практично ориентиран и меѓународно апликатибилен правен систем.

Препознавајќи го значењето на Академик Конференциите, одлични и неповторливи се импресиите за Конференцијата на учесниците и светски реномираните предавачи кои одржаа фасцинантни презентации пред бројниот аудиториум од над 350 учесници, составен од високи политички претставници од областа на правдата, домашната, регионалната и светската адвокатура и правосудство, видни членови на домашна и регионална академска заедница, претставници на студентската средина, преставници на бизнис заедницата и менаџментот, публицистиката и почитувачите на правната мисла.

Како продолжение на Првата и на Втората Академик Конференција за управување со правни ризици, со својот квалитет на организација, предавачи кои значат синоними за современото право, пристапот на презентациите до учесниците и интересот кои ги предизвикуваат темите, сосема оправдано на Академик Конференциите им го даваат брендот и имиџот на водечки фактор во промоцијата на управувањето со правните ризици или како што ги нарекуваат во современите истражувања – право на иднината.

Оттука, Академик Конфренциите се вградуваат во македонската и светската правна реалност и меморија како инспиративен простор преку кој се етаблира она што се нарекува иднина на правото. Впрочем, затоа и толку овие Конференции се доживуваат како моменти на инспирација кои предизвикуваат голем интерес како за солидните познавачи на современата правна мисла, наука и практика, така и за оние кои сакаат да бидат дел од искуство кое е огромен бенефит за стекнување на нови знаења, нови деловни хоризонти, професионални контакти и единствена можност за нова блескава содржина во своето портфолио.

Конференцијата започна со поздравен говор на познатиот македонски адвокат Георги Димитров, кој, како што го нарекоа неговите колеги, е вонсерискиот адвокат чија визија за менаџирањето на правните ризици повторно Македонија ја вброи во редот на земји од каде светската правна мисла ќе рефлектира нови вредности за правото и космополитските аспекти на правно-деловната култура.

Димитров го нагласи значењето на ваквото вмрежување на правниците од регионот кои ја имаат исклучителната можност да ги слушнат најеминентните имиња на современата адвокатура, експертиза и професура, бидејќи, како што подвлече реномираниот адвокат, трендот на иднината подразбира поширок интернационален контекст на сфаќањето и применувањето на менаџментот на правните ризици.

Во таа насока, Димитров посочи дека системот за управување со правните ризици денес подразбира и добро организирана држава, што секако се одразува врз целокупниот имиџ на државата, нејзиното правосудство, адвокатурата и бизнис заедницата.

„Следната Конференција ќе ја организираме во Истанбул и ќе продолжиме со она што е главната цел и мисија на Академик Конференциите“, истакна Димитров, навестуваjќи го, на огромен поздрав од публиката, следниот меѓународен чекор и афирмација на конференциите за управување со правни ризици.

По воведниот говор на Димитров, своја презентација имаше Метју Вајли, врвниот британски експерт за правни ризици, кој пристигна од престолнината на правните ризици – Лондон.

Метју Вајли од реномираната британска фирма „Berwin Leighton Paisner“, говореше за петте столба на управување со правни ризици на системски начин, притоа истакнувајќи го неговиот пробив на британската адвокатска сцена и како полека, но сигурно, го започнал менаџментот на правните ризици.

Свеста на компаниите за правните ризици, петте чекори за прогрес, имплементацијата на правните ризици, прецизните нормативно-деловни варијабли, утврдувањето на приоритетите и начините за пософистициран третман на правните ризици беа сегментите кон кои се задржа Вајли, притоа потенцирајќи дека и самите регулaтиви имаат иманентна функција во таа насока.

„Да се предвидат регулативите во иднина – тоа е еден од врвните приоритети и значења на правните ризици“, подвлече британскиот експерт.

Кон неговото излагање, особено во делот на значајноста на регулативата, одлично се вклопи многу интересното предавање на државниот секретар во Mинистерството за правда на Канада, Патрик Везина, човекот кој е најзаслужен правните ризици да добијат институционален облик, факт што неговата земја ја прави првата земја со институционално прифатен и апликативен систем на правните ризици, како структурален дел од канадското Министерство за правда.

Везина се осврна на концептот на правните ризици во Министерството, притоа елаборирајќи ги зачетоците на неговата идеја и работа, и како протагонистички ги реализирал своите идеи кои денес претставуваат правна канадска реалност која е именител на она што значи огромна сервисна ориентираност на министерството кон субјектите на пазарот и правно-деловниот сообраќај.

Предавањето на Везина се фокусираше кон експликација на системот на правните ризици, институционалните софтверски компоненти, важноста на терминологијата, свеста на компаниите и значењето од интернационализацијата на темата и нејзиниот валоративен општествен импакт.

„Драго ми е што сум дел од ваков собир и што разговараме со експерти од целиот свет. Не сум имал вакви корисни разговори за управувањето со правните ризици, веќе подолго време. Дијалогот е фундаментален за развивање на стандардни приоди кон управувањето со правните ризици, нагласи експертот за управување со правни ризици од Министерството за правда на Канада.

На големо задоволство на учесниците, реномираниот адвокат и легендата на балканската адвокатура – адвокатот Тома Фила, зборуваше за специфичностите на постапките пред специјалните судови, но на нему препознатлив стил, се осврна преку фантастичен сатиричен колаж и на правосудните балкански состојби.

Фила не пропушти да упати и забелешки за Хашкиот трибунал бидејќи за него судот најмалку е персонификација на правото и заради таквиот „судски феномен“  е интересен за елаборација.

Хашкиот трибунал е сè освен суд, рече Фила, последователно, анализирајќи ги новитетите во кривичното процесно право и поставеноста на адвокатите во самата кривична постапка, парадоксите со вкрстените испрашувања, „нееднаквоста на оружјето“ во постапката, притисоците врз судството од политичките центри и извршната власт, како и штрајкот, односно протестот на српските адвокати.

„Се носат закони кои се противуставни, јасна е улогата на адвокатите според Уставот, но министерот за правда очигледно нема разбирање. Се прават притисоци“, истакна легендарниот Фила.

Познатиот адвокат дополни дека не само адвокатите туку и судиите се тие кои сами треба да ја водат својата борба, затоа што тие самите треба да си се избираат без вклучување на другите власти во „улогата“ на судството.

Искусниот адвокат, како заклучок кон својата дискусија, акцентираше дека секогаш во правото, а особено во кривичната постапка треба да се внимава на политичките ризици бидејќи тоа е во непосредна врска со независноста на судството, но и со стабилноста на адвокатурата како уставна категорија.

Конференциите на Академик не би го носеле епитетот на иновативни, доколку на нив не се слушнат и иновативните аспекти на управувањето со правните ризици, особено од организациско-технолошката поставеност на правните ризици во деловните ентитети. Оперативниот директор на ОNE Теlekom Slovenia Group, д-р Звонко Кремљак, зборуваше за донесување одлуки во ризично опкружување, чиј дел од докторски труд е цитиран во повеќе од 400 стручни трудови во светот.

И токму низ таква научна и теоретска операционализација на прашањето беше поставено неговото излагање, атипично, но екстремно корисно и прогресивно. Кремљак говореше за менаџментот и ризикот, теоријата на правните ризици, планирањето, оценувањето совладувањето и промените, анализирајќи ги притоа правните ризици низ хеуристичкиот модел за менаџирање на правните ризици.

Карактеристично за овој еминентен стручњак е што тој кон правните ризици го внесува логичко-математичкиот метод на експликацијата, базирана на формулации од математичка провиниенција, што укажува на прогресот на управувањето со правните ризици како дисциплина, која веќе, како што тоа се нарекува во постмодернистичките теории за правото, го прифаќа економско-математичкиот модел на пристап и анализа.

„Сепак, најпрво е потребно ризикот да се препознае, па потоа доаѓаат следните фази“, советуваше Кремљак, чие предавање беше поткрепено со презентацијата на Цирил Кафол, генерален извршен директор на телекомуникацискиот оператор Оне. кој ја објасни структурално-софтверската структура на методологијата за управувањето со правните ризици, изразена преку деловната мобилност, искуство и сервисност на компанијата.

Кафол во својата презентација ја објасни структурално-софтверската методологијата за управувањето со правните ризици, изразена преку деловната мобилност, искуство и сервисност на компанијата.

Сандра Робертс и Селиа Бернал, успешните адвокатки од САД и истакнати стручњаци за управување со правни ризици, имаа видео презентација за конфликтот на интереси

Познатите адвокатки кои важат за врвни американски и меѓународни експерти за управување со правни ризици, се осврнаа на важноста од консултирањето на експерти од оваа проблематика, категоризацијата на тематиката во интерделовните односи, превенцијата од ризиците, имплементацијата на софтверските решенија, како и трудово-правните компоненти на односите во самите компании, кои се еден од елементите на управувањето со правните ризици.

„Доверливоста, исто така, е многу важна во управувањето со правните ризици и компаниите секогаш треба да обрнуваат должно внимание кон тоа“, посочија еминентните адвокатки.

Првиот ден од Конференцијата финишираше со извонредното предавање на универзитетскиот професор д-р Димитар Гелев, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, кој говореше  за договорите за партнерство во Македонија, односно за персоналните друштва во Република Македонија.

Фасцинантното излагање на професорот приопшти една фактографска анализа на домашното законодавство од трговскоправната проблематика, компарирана со примери од Англија и Германија, европската и светската практика и легислатива.

За професорот е проблематично тоа што во земјава, компарирано со европските показатели и пракса, многу е мала процентуалната застапеност на персоналните друштва, но тоа, како што потенцираше професорот, се должи на „несреденоста на прописите“, и тоа генерира демотивираност во креирање на такви друштва, што самото по себе го повлекува, но и го објаснува правниот ризик во овој дел.

Професорот Гелев укажа и предупреди на недоследностите во македонското законодавството, неусогласеноста на прописите од трговско и облигационо-правната материја и децидно подвлече дека тоа доведува до руинирање на целиот систем на Законот за трговски друштва, што пак се коси со современата реалност во пошироки европски рамки.

„Некои работи кај нас се прават обратно. Таков е примерот и со персоналните друштва. Сметам дека сето тоа се должи на празнините во регулативата“, резимираше професорот, чие предавање го заокружи првиот ден од Академик Конференцијата за правни ризици.

На почетокот од вториот ден на Академик Конференцијата за управување со правни ризици, Mагнус Стин, поранешниот главен правник на Сони во Шведска, говореше за структурата на  договорите и нивното значење во поглед на правните ризици.

Ценетиот експерт на прецизен начин се осврна на прашањето за управувањето со квалитетот, вредноста, адекватноста и ефикасноста на договорите со користење на алатки за управување со правни ризици

Познатиот експерт, како лидер во покренувањето на неколку иницијативи за менаџмент на договори и управување со правни ризици, се осврна на практичните компоненти на структурирањето на договорите, повикувајќи се и на своето искуство во менаџирањето на правното работење и сите правни аспекти на планирањето и развојот на продуктите – од изворите за производство, развој на производи, компоненти, услуги до лиценцирање.

Извонредната адвокатката чија што специјалност се меѓународните арбитражи и деловно право, Ванеса Аларкон од женевската канцеларија на Winston & Strawn, имаше презентација за управување со ризиците во договорите за франшиза.

Познатата адвокатка се фокусираше кон системот на франшиза, трговските марки, плаќањата, доверливоста и нивната поврзаност со правните ризици, посочувајќи го и ризикот на репутацијата кој во современото право, како што подвлече, е ризик кој е од иманентно значење за деловните субјекти и модерни компании.

Таа своето излагање го искажа низ презентација на компаративни примери и од правната и судската пракса, притоa акцентирајќи ја важноста на избегнувањето на судските постапки како многу битен дел во феноменологијата на правните ризици.

„Да се прочита добро, да се побара правен совет, да се квалифицираат точките кои генерираат правен ризик, се суштинските и почетните компоненти“, посочи позната адвокатка Аларкон, жена која важи за еден од подобрите светски познавачи на арбитражното и деловното право.

Главната акционерка на Prva Group од Словенија, Аленка Жнидаршиќ Крањц, говореше за пазарите на пензиските фондови во регионот, осврнувајќи се и на нејзината улога и искуства во доменот на пензиските фондови. Крањц како еден од најистакнатите стручњаци во Европа за оваа област, имаше мошне интересна дискусија која одеше во насока на анализа на правните ризици со кои се соочуваат компаниите во однос на законодавството, односно на генерирањето на конфликтност помеѓу деловниот амбиент и честата промена на законите, појава која, како што подвлече, нема издржана правна, ниту економска логика. Во таа насока посебно го посочи, како што рече, проблемот со Македонија, каде има пречеста промена на легислативата која носи неповолности и проблем во оперативното и деловното функционирање. „Генерално, пречестата промена на законите, секогаш доведува до проблеми во работата бидејќи не обезбедува сигурност“, подвлече Крањц која своето предавање го структуираше и низ анализа на состојбите на балканскиот деловен амбиент, со поглед кон Србија, Романија, Македонија, Косово.

Универзитетскиот професор и еден од најпрестижните светски експерти за правни ризици, д-р Тобијас Малер од Правниот факултет во Осло, приопшти мошне интересна презентација за управувањето и визуелизацијата на договорните ризици. Професорот низ своето излагање се концентрираше на идентификацијата, анализата, евалуацијата и третманот на правните ризици, посочувајќи и анализирајќи ја категоризацијата на високиот и низок ризик. Ефектите, правните норми, значањето на детално утврдените параметри на правниот ризик, разликата од сознанијата на фактите кои сугерираат правен ризик, како и правната сигурност беа сегментите кои беа предмет на елаборација на експертот Mahler. На голем интерес на присутните, професорот низ корисни визуелни екпспликации  и илустрации го објасни концептот на правните ризици, притоа користејќи и примери од праксата кои може да се појават, а се од технолошката сфера.

Еминентниот италијански правник и директор на правниот сектор во италијанскиот енергетски гигант Edison Spa, Maрко Лорефичи,зборуваше за успешната арбитражна постапка која ја промени светската пракса за одредување на цената на природниот гас. Италијанскиот правник во својот елаборативен говор на методичен начин ги објасни пазарните фактори во одредувањето на цената на гасот, контрактуелните контексти и правните ризици поврзани со ликвидноста и неликвидноста на пазарите, јазикот во договорите како индикатор, како и аспектите  на арбитражната постапка, која, како што илустрираше правникот, понекогаш подразбира како да „влегувате во казино, каде се добива или губи“. Тој го резимираше своето излагање со совети кон правниците во однос на склучувањето на на договорите како потребата од избегнување од користењето на потенцијални аргументи кои не се докажани и употребувањето на работи кои може да се употребат против интересите на компанијата.

Последен говорник на Конференцијата беше извонредниот косовски адвокат Дастид Паласка, кој важи за надобар корпоративен адвокат во Косово. Паласка во својата тема на дискусија ги анализираше правните и политичките ризици во смисла на уставната поставеност на косовскиот Уставен суд,  објаснувајќи ја косовската политичка состојба од правна гледна точка.  Паласка покрај тоа што е корпоративен адвокат, своето импресивно образование го има стекнато во САД каде ја студирал и уставноправната материја, нешто што подоцна, како што рече, ќе му „обезбеди повик да ја среди работата со Уставниот суд“. Адвокатот го анализираше косовскиот Устав, изборот на Пацоли за претседател и неговото „уставносудско повлекување“, но се произнесе и со пошироко правно објаснување на уставната материја и уставно-судската област.

„Уставот се создава за граѓаните и тој не е интепресонален акт. Јас водев своја битка за некои недоследности, но тешко е да аргументираш со мнозинството. На крајот предложив уставните измени да се пишуваат во комичен стрип“, резимираше духовито адвокатот, чие интересно и духовито отсликување на косовската правно-политичка ситуација, одлично го заокружи серијалот на предавања на Конференцијата кои беа поздравени со огромен аплауз од учесниците и апел за што поскоро да бидат дел од место каде ќе можат да ги слушнат најзначајните правнички имиња на денешницата.

Адвокатот Георги Димитров, чија иновативна визија е благодарна за овие исклучителни конференции, кои спаѓаат во редот на најзначајни меѓународни правни настани во Македонија, со завршен говор и резиме за Конференцијата се обрати до присутниот аудиториум и реномираните предавачи, искажувајќи благодарност дека сите заедно се учесници во настан кој значи многу за современото и модерното право и чија функција е да ги сплоти почитувачите и чинителите на правната мисла во континуитет,  кој не само што ќе биде инкорпориран како тренд во професијата, туку ќе биде и пледоаје за иднината на правото. Тој искажа благодарност за огромниот интерес за Конференцијата, и, како што најави на првиот конференциски ден, Академик Конференцијата веќе в пролет, ќе ја продолжи својата мисија во босфорскиот културолошки спој  - Истанбул.